Клинтон продолжува да одговара на арапската критика за израелските населби
03/11/2009
Американската
секретарка Хилари Клинтон втор ден по ред се осврнува на жалбите на Арапите заради нејзините пофалби на
израелската понуда да ги ограничи еврејските населби.
Во вторник во Мароко таа кажа дека администрацијата на
Обама останува определена за постоење на две држави, на Израелците и на Палестинците,
и дека сите инволвирани страни треба да
бидат внимателни што ќе кажат.
Минатата недела Клинтон ги пофали, како што рече,
„отстапките без преседан" за ограничување на растежот на населбите во напор да
се рестартираат мировните преговори.
Тие забелешки повлекоа критика од палестинските лидери,
кои ги обвинија САД дека ги
обезвреднуваат мировните напори, зашто меѓународниот мировен план од 2003 бара од Израел да запре
секаква активност во врска со населбите.
Клинтон подоцна ја смири нејзината првична пофалба за
Израел, велејќи дека израелската понуда за ограничување на проширувањето на
населбите „е далеку помалку" од ставот на Вашингтон по тоа прашање.
Клинтон го одложи враќањето во Вашингтон за да може да се сретне со
египетскиот претседател Хосни Мубарак во Каиро, во среда. Разговорите
најверојатно ќе бидат фокусирани на застоениот
блискоисточен мировен процес.
Израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху вели дека
е подготвен веднаш да се врати на
мировните разговори без предуслови. Палестинскиот претседател Махмуд
Абас вели дека претходно мора да има целосен прекин на сета градба на израелските населби на спорната
територија.