Повеќе од милијарда луѓе во светот живеат со некаков вид на инвалидност. Тоа е 15 проценти од популацијата – и таа цифра расте. Многумина се соочени со огромни бариери – во образованието, здравствената заштита, транспортот, работата ... па дури и во однос на кревањето на гласот.

Ова се само некои од наоѓањата во првиот воопшто Светски извештај за инвалидност, направен заеднички од Светската  здравствена организација и Светската банка, што е објавен во четврток.

Етиен Краг од СЗО вели дека условите варираат од земја во земја, но дека основните проблеми се исти.

„Во сите држави сеуште има стигма и дискриминација. Во сите држави има предизвици за приод – до превозот или јавните згради, училишта и работни места“, вели Краг.

Како резултат на тоа, новата студија вели дека луѓето со инвалидитет често имаат пониско образование, послабо здравје, помало учество во економијата и поголема стапка на сиромаштија“.

Но некои инвалиди успеале да го избегнат тој живот станувајќи брилијантни лидери во нивните заедници. Светски познатиот британски физичар Стивен Хокинг е комплетно парализиран од болест на моторните неврони. Сепак, во предговорот на извештајот тој забележува дека неговата инвалидност не го спрачува да има успешна кариера и среќен семеен живот.

Додека голем број развиени држави прават подобра политика и програми за инвалидите, Краг посочува и на некои земји во развој. Бразил е еден пример. Мозамбик друг.

Препораките во извештајот се однесуваат на начините да се подобри пристапот на инвалидите до здравството, образованието, превозот и работните места. Клучно притоа е – да им се даде право на глас на инвалидите во донесувањето на одлуките.

Краг вели дека оваа студија е исто така повик за будење за сите, зашто еден ден секој од нас може да стане инвалид или да се соочи со инвалидитет во семејството.

За СЗО и за Светската банка, според Краг, извештајот е агенда за акција во наредните десет години – за да се обезбеди реализирање на  препораките во него.